Кристијано Роналдо е подготвен за нов голем предизвик во кариерата. Тој за првпат ќе се проба како актер и извршен продуцент во драмска серија.
Во овој амбициозен проект наречен „Day 1s“ ќе му се придружи и легендарниот француски фудбалер Тиери Анри. Снимањето на серијата веќе започна на стадионот на англискиот клуб Барнет во Лондон.
Роналдо ќе биде еден од извршните продуценти преку својата филмска компанија основана со режисерот Метју Вон. Главната улога во серијата му припадна на познатиот британски актер Дамијан Луис.
Луис ќе го толкува ликот на Стенли Далтон, влијателен фудбалски агент во центарот на борбата за моќ. Делото ги прикажува сите тајни преговори, финансиски интереси и одлуки кои ја менуваат судбината на играчите.
Идејата за овој проект е на Дарен Дин, долгогодишниот менаџер на Тиери Анри. По инвестициите во модата и хотелиерството, Роналдо ја проширува деловната империја и во ТВ-индустријата.

