Кристијано Роналдо го започнува својот последен голем поход на светските првенства, предводејќи ја моќната Португалија во мисијата наречена „сега или никогаш“. На 41-годишна возраст, еден од најдобрите фудбалери во историјата гори од желба да ја круниса својата неверојатна кариера со мундијалскиот пехар, а првата пречка на тој пат за неговата селекција ќе биде репрезентацијата на Демократска Република Конго. Во групата К, каде се наоѓаат уште и селекциите на Колумбија и Узбекистан, Португалците се апсолутни фаворити за лидерската позиција.
Селекторот Роберто Мартинез има на располагање застрашувачки тим без слаба точка, каде што средниот ред со ѕвезди како Бруно Фернандеш, Витиња и Жоао Невеш му носи слатки маки при составувањето на првите единаесетмина. Сепак, покрај сувиот квалитет и желбата за трофеј, овој тим со себе носи и огромен емотивен товар, мотивиран да го исполни мундијалскиот сон на нивниот трагично починат соиграч и голем пријател Диого Жота.
Иако историјата не им оди во прилог на Португалците, чиј најголем дострел на Светските првенства е третото место од далечната 1966 година, двете титули во Лигата на нации покажаа дека оваа генерација знае да игра на резултат и под голем притисок.
Од друга страна, нивниот прв противник ДР Конго нема такви амбиции, но африканската селекција не пристигнува во Северна Америка со бело знаме. Ова е дури второ мундијалско учество за нив, по она во 1974 година кога настапуваа под името Заир и ги загубија сите три меча. Сега, под водство на селекторот Себастијан Десабр, Африканците се потпираат на зрелоста на тимот и на фактот што речиси сите играчи имаат сериозно искуство во европските лиги.

