Меѓународен фудбал Фудбал

Кристал Палас со повеќе играчи на Мундијалот од Реал Мадрид, Ливерпул, Милан…

Објавувањето на официјалните списоци на репрезентациите за претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада донесе несекојдневен податок кој ја изненади фудбалската јавност. Англискиот премиерлигаш Кристал Палас на претстојниот планетарен собир ќе има повеќе фудбалери од европските великани како Реал Мадрид, Ливерпул и Милан.

Лондонскиот тим на најголемата фудбалска смотра ќе биде застапен со дури 12 свои претставници. Во целиот свет постојат само пет клубови кои имаат дадено повеќе репрезентативци за овој шампионат, а тоа се Манчестер Сити со 19, Баерн Минхен со 18, Пари Сен Жермен и Арсенал со по 16, како и Барселона со 15 играчи. Со оваа бројка, Кристал Палас успеа да се израмни со гигантите како Манчестер Јунајтед и Атлетико Мадрид, но и со саудискиот Ал Хилал.

Посебно шокантно звучи фактот што популарните „орли“ имаат повеќе играчи во националниот тим на Шпанија дури и од Реал Мадрид. Откако селекторот Луис де ла Фуенте го повика во тимот крилниот напаѓач на Палас, Јереми Пино, а воедно ги изостави апсолутно сите фудбалери на „кралскиот клуб“, за првпат во историјата се случи Реал Мадрид да нема ниту еден свој претставник во шпанската репрезентација на едно Светско првенство.

Оваа доминација е само потврда за огромната финансиска моќ на Премиер лигата, која успеа да концентрира врвен квалитет кај речиси сите екипи. Покрај Палас, забележителен број претставници имаат Сандерленд и Астон Вила со по девет играчи, додека Брајтон, Тотенхем и Челси на првенството испраќаат по осум фудбалери. Со ова, лондонскиот клуб дефинитивно стана апсолутен хит во Европа, што е само круна на нестварната бајка за колектив кој во своите 119 години постоење немаше ниту еден трофеј, а во изминатите 12 месеци ги освои ФА Купот, Комјунити Шилд и Конференциската лига.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.