Кошарка Меѓународна кошарка

Крај на сонот за големо враќање: Бен Симонс ја заврши сезоната пред и да започне

Судбината продолжува немилосрдно да си игра со некогашниот трократен Ол-стар играч. Бен Симонс доживеа тешка повреда, руптура на десната Ахилова тетива, за време на неделниот тренинг на Сакраменто Кингс, потврди добро информираниот новинар на ЕСПН, Шамс Чаранија. Магнетната резонанца ги потврди најцрните прогнози, со што повратничката сезона за австралискиот кошаркар ненадејно заврши уште пред официјалниот старт на НБА шампионатот.

Оваа вест ја потврди и локалниот новинар Џејмс Хем, истакнувајќи дека станува збор за удар по кој кариерата на некогашниот прв пик на драфтот се наоѓа под најголем знак прашалник досега.

Симонс пристигна во Сакраменто летово откако комплетно ја пропушти сезоната 2025/26 за да се опорави од зачестените повреди на грбот и ментално да се подготви за нов почеток. За време на подготвителниот камп успеа да го воодушеви стручниот штаб на Кингс, се избори за едногодишен договор и навести враќање во препознатливата форма. На предсезонските мечеви бележеше во просек 6,7 поени, 5,0 скокови и 4,7 асистенции за само 17,5 минути, а посебно заблеска на последниот тест каде што запиша 14 поени, 8 скокови и 7 асистенции.

По објавувањето на тешката дијагноза, 30-годишниот Австралиец преку емотивна порака на Инстаграм порача дека нема намера да се откаже од кошарката:

„И во минатото се соочував со предизвици кои ме тестираа ментално, физички и емотивно, и пронајдов начин да го надминам секој од нив. Оваа повреда е само уште едно поглавје од моето патување, а не крај на мојата приказна. Никогаш не е лесно да бидеш одделен од играта што ја сакаш, особено по сè што беше потребно за да се вратам тука. Но, ако научив една работа, тоа е дека неволјите не те дефинираат, те дефинира начинот на кој одговараш на нив. Паѓав и претходно и секогаш наоѓав начин да станам. Овој пат нема да биде ништо поинаку.“

Иако зачестените повреди драстично ја забавија неговата кариера и го оддалечија од статусот на една од најголемите ѕвезди во лигата, Симонс е подготвен за уште една грчевита борба, иако го очекува повеќемесечна пауза и долг процес на рехабилитација.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.