По речиси две години офанзивна доминација и неверојатна константност, конечно заврши една од најимпресивните серии во модерната НБА-историја. Двократниот МВП на лигата, Шеј Џилџес-Александер, го заврши дуелот против Денвер со 17 поени во победата на Оклахома Сити Тандер од 96:84, со што ја прекина низата од дури 141 последователен натпревар со најмалку 20 постигнати погодоци.
Иако на 1:43 минути пред крајот имаше можност да остане на паркетот и да постигне уште еден кош за да ја продолжи историската серија, канадскиот плејмејкер сам побара замена од својот тренер во моментот кога победата беше веќе осигурана.
„Видов дека Денвер ги извади своите најдобри играчи од игра и сметав дека и ние треба да го направиме истото. Секогаш мора да ги почитувате играта и противникот“, изјави Џилџес-Александер.
Со овој потег, првата ѕвезда на Тандер уште еднаш покажа зошто ги освои последните две награди за Најкорисен играч (МВП) во најсилната лига на светот, ставајќи ги тимот и спортскиот фер-плеј пред сопствените статистички рекорди.

