Меѓународен фудбал Фудбал

Крај на кариерата: Рафа Мир осуден на осум и пол години затвор!

Некогашниот голем талент на шпанскиот фудбал, Рафа Мир, се соочува со тотален крах на кариерата и долг престој зад решетки. Покраинскиот суд во Валенсија денеска го осуди познатиот фудбалер на дури осум и пол години затвор, откако беше прогласен за виновен за брутален сексуален напад и нанесување на телесни повреди. Во целиот скандал е вмешан и неговиот пријател и колега, фудбалерот Пабло Хара, кој доби две години затвор поради сексуален напад, нарушување на моралниот интегритет и полесни телесни повреди.

Покрај затворските казни, судот одреди и сериозни финансиски обештетувања за претрпената траума на жртвите. Напаѓачот Мир ќе мора да ѝ исплати 64.000 евра на девојката која ја нападнал, додека Хара е должен да исплати 6.280 евра на другата оштетена девојка. Оваа одлука, која на инволвираните страни им беше доставена овој понеделник, сè уште не е правосилна. Тоа значи дека одбраната на осудените фудбалери има право да поднесе жалба до повисоките судски инстанци во последен обид да ја собори или барем да ја намали драстичната казна.

Овој шокантен судски епилог става црна дамка и практично означува предвремен крај на фудбалскиот пат на играчот кој во минатото запиша и шест настапи за сениорската репрезентација на Шпанија. Мир минатата сезона настапуваше како позајмен играч во Елче, а со Севилја има активен договор до летото 2027 година. Во својата кариера тој ги бранеше боите и на клубови како Валенсија, Вулверхемптон и Нотингем Форест, но наместо на големите европски стадиони, неговата иднина сега е врзана за затворските ќелии.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.