Кошарка Македонска кошарка Меѓународна кошарка

Крај на една ера во Аеродром, МЗТ Скопје се раздели со Васко Атанасов

Крај на една тренерска ера во МЗТ Скопје Аеродром. Македонскиот шампион и Васко Атанасов спогодбено ја прекинаа соработката по серијата послаби резултати, а последниот пораз од Струмица беше повод за разделба. Од клубот преку официјално соопштение ја потврдија одлуката, притоа упатувајќи благодарност до младиот стратег за посветеноста, професионализмот и резултатите што ги оствари во изминатиот период.

Атанасов пристигна на клупата на „сино-белите“ во 2023 година, кога ја презеде одговорноста за водење на првиот тим. За кратко време успеа да се запише во историјата на македонската кошарка, станувајќи најмладиот тренер кој стигнал до шампионската титула.

„МЗТ Скопје Аеродром ја известува спортската јавност и своите навивачи дека клубот и досегашниот шеф на стручниот штаб, Васко Атанасов, спогодбено ја прекинаа меѓусебната соработка.

Атанасов ја презеде тренерската палка во 2023 година и испиша светли страници, влегувајќи во историјата на македонската кошарка како најмладиот стратег кој стигнал до шампионски трофеј. Управата на клубот му изразува огромна благодарност на Васко за неговиот беспрекорен труд, посветеност и за професионализмот што го покажа водејќи го нашиот тим. Му посакуваме многу здравје и уште поголеми успеси во неговата понатамошна тренерска кариера!“, се наведува во соопштението на МЗТ Скопје.

Во тренерскиот мандат Атанасов освои четири шампионски титули, три Куп-трофеи и три Суперкупа, оставајќи зад себе значајни резултати во клупската историја. Од Аеродром најавија дека името на новиот предводник ќе биде објавено во наредните денови. Во меѓувреме, обврските на тимот ќе ги преземат досегашните помошници Дејан Србиновски и Тино Даневски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.