Кошарка Меѓународна кошарка

Крај на 53-годишното чекање: Њујорк Никс се нови НБА шампиони! (ВИДЕО)

Чекањето долго повеќе од половина век конечно заврши, Њујорк Никс се искачија на самиот врв на кошаркарскиот свет! Во инфаркт завршница од петтиот натпревар на големото финале, Никси славеа на жешкиот гостински терен против Сан Антонио Спарс со 90:88, ставајќи крај на една од најголемите резултатски суши во историјата на американскиот спорт и за првпат по далечната 1973 година го донесоа шампионскиот пехар во „Медисон Сквер Гарден“.

Кога беше најтешко и кога притисокот во Тексас го достигна максимумот, на сцена стапи капитенот на Њујорк, Џејлен Брансон. Овој фантастичен плејмејкер ја одигра партијата на својот живот, постигнувајќи неверојатни 45 поени со кои сосем заслужено го обезбеди признанието за најкорисен играч во финалната серија. Брансон буквално сам го влечеше својот тим во моментите кога домаќините ја имаа контролата врз играта и долго време се наоѓаа во предност.

Натпреварот започна со силно темпо на Сан Антонио. Предводени од Виктор Вембањама кој уште во воведните минути подели три блокади, тие наметнаа цврста одбрана и преку расположениот Дилан Харпер од клупата стигнаа до двоцифрена предност. Спарс во еден момент од втората четвртина водеа и со максимални 16 поени разлика, додека нападот на Њујорк изгледаше целосно без идеја. Сепак, Никси одбија да се предадат, па со неколку важни тројки на Микел Бриџис и Џош Харт успеаја да ја стопат негативата до подносливи 42:37 на полувремето.

Вистинската драма и пресвртот се случуваа во последната четвртина кога Брансон презеде апсолутно сè во свои раце. Тој постигна 15 поени во овој период, од кои дури 13 беа во една серија, со што за првпат по долго време му донесе водство на својот тим. Кај кошаркарите на Сан Антонио се појави огромна нервоза во завршните напади, па иако Стефон Касл ги одржуваше во живот со офанзивни скокови, младиот Харпер ги промаши двете клучни слободни фрлања во самиот финиш. Последниот очајнички обид на Вембањама со звукот на сирената заврши далеку од обрачот, по што започна историското славење за генерации навивачи на Њујорк.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.