Досегашниот чувар на мрежата на Брајтон, Карл Рашворт, и официјално стана нов член на Ковентри Сити откако новиот премиерлигаш го откупи неговиот договор за 25,7 милиони евра. 25-годишниот англиски голман стави потпис на петгодишна соработка со клубот каде што веќе го има статусот на омилен играч.
Рашворт изминатата сезона ја мина на позајмица во Ковентри и ја освои наградата „Златна ракавица“ во Чемпионшип со дури 17 натпревари без примен гол. Неговите фантастични одбрани беа еден од главните фактори екипата да се врати во англиската елита по цели 25 години пауза.
Предводникот на екипата Френк Лампард не го криеше задоволството што успеа трајно да го обезбеди потписот на одличниот чувар на мрежата. Ковентри својот повраток во елитата ќе го започне на најтешкиот можен начин со гостување кај шампионот Арсенал на 21 август.

