Атлетик Билбао се соочува со катастрофално сценарио во офанзивната линија, откако деталните медицински прегледи потврдија дека за напаѓачот Горка Гурузета оваа сезона е предвреме завршена. 28-годишниот голгетер претрпе тешка повреда за време на гостувањето кај Валенсија, а магнетната резонанца ги потврди најлошите сценарија, скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено.
Дека среќата целосно му го заврти грбот на баскискиот фудбалер покажува и фактот што тој помина само неколку минути на теренот по влегувањето од клупата, пред поради силни болки веднаш да побара замена. Процесот на рехабилитација и закрепнување ќе трае меѓу шест и осум месеци, што значи дека Един Терзиќ повеќе нема да може да смета на неговите услуги за остатокот од шампионатот. За Гурузета ова е втор ваков тежок удар во кариерата, откако во 2019 година ја претрпе истата повреда, тогаш на десното колено додека настапуваше за Б-тимот.
Оваа вест доаѓа во моментот кога баскискиот клуб веќе се мачи со сериозни кадровски проблеми во нападот. Нико Вилијамс исто така мачи мака со повреди, а Оихан Сансет сѐ уште не е во оптимална физичка форма. Поради тоа, најголемиот товар во офанзивата ќе падне врз Ињаки Вилијамс, иако повеќе претпочита да дејствува од крилните позиции, додека поголема минутажа во централниот дел во следниот период ќе мора да добие и младиот Мароан Санади.
Атлетик Билбао во моментов се наоѓа на 11. место во Ла Лига, и иако има два меча помалку од поголемиот дел од конкурентите, бранот повреди сериозно ги загрозува амбициите на Терзиќ за брзо враќање кон горниот дел од табелата.

