Меѓународен фудбал Фудбал

Коринтијанс во финансиски проблеми, а сега и судска забрана за спонзорот!

Коринтијанс се соочи со нов проблем во сложената спонзорска ситуација, откако суд во Сао Паоло донесе привремена одлука со која на клубот му се наложува да го отстрани или прекрие брендирањето на „Фатал Фанс“ од дресовите и останатите клупски платформи.

Одлуката ја донесе Судот за деца и млади во Татуапе по иницијатива на Јавното обвинителство на Сао Паоло. Клубот има рок од 15 дена да го отстрани логото од опремата, клупските објекти и дигиталните канали, како и линковите кои ги насочуваат навивачите кон платформата. Причината за постапката е загриженоста дека преку партнерството малолетници би можеле да бидат изложени на содржини наменети за возрасни. Станува збор за привремена мерка која не го раскинува договорот, а на неа може да биде поднесена жалба.

Од „Фатал Фанс“ порачаа дека нивните правници ја разгледуваат одлуката и нагласија дека платформата ги почитува бразилските правила за заштита на деца, вклучително и системите за проверка на возраста. Коринтијанс, пак, соопшти дека формално сè уште не ја добил судската одлука. Договорот меѓу клубот и компанијата е потпишан во јуни и му носи на Коринтијанс 22 милиони бразилски реали до декември 2027 година, со можност сумата да достигне околу 31 милион реали доколку биде активирано продолжувањето.

Ситуацијата дополнително се усложнува бидејќи „Фатал Фанс“ неодамна се појави како потенцијална замена за обложувачкиот спонзор „Еспортес да Сорте“. Компанијата „Фатал Модел“, која е сестрински бренд на „Фатал Фанс“, му понуди на Коринтијанс дури 120 милиони реали за едногодишно генерално спонзорство, но договорот сè уште не е потпишан.

За Коринтијанс, кој има пријавени долгови од околу 2,8 милијарди реали, новата судска одлука доаѓа во исклучително чувствителен момент. Дополнително, неизвесноста околу актуелниот договор со „Еспортес да Сорте“ создава уште поголем притисок врз финансиската состојба на бразилскиот гигант.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.