Иако Светското првенство веќе наголемо го применува новото правило на ФИФА, познато во јавноста како „Закон на Винисиус“, Европската фудбалска куќа реши децидно да му каже не на овој тренд. Станува збор за правилото според кое фудбалерите добиваат директен црвен картон доколку за време на расправија на теренот намерно ја покријат устата со рака или со дресот за да сокријат што му зборуваат на ривалот или на судијата.
Оваа мерка беше донесена по иницијатива на ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, кој тврдеше дека на ваков начин бил навредуван од страна на Џанлука Престијани од Бенфика во Лигата на шампионите. Но, додека на актуелниот Мундијал веќе паднаа две исклучувања поради овој грев, при што прв настрада Уругваецот Мигел Алмирон, челниците во Нион сметаат дека ваквата казна е престрога и неправедна.
Според официјалниот став на УЕФА, ваквото правило практично претставува осуда без конкретни докази и се заснова на чиста претпоставка дека играчот изговара сериозни навреди. Поради тоа, европскиот огранок донесе одлука дека нема намера да ја воведе оваа обврзувачка мерка во Лигата на шампионите, Лигата на Европа, како и во репрезентативните натпреварувања под нивна капа.
Наместо драстично исклучување од игра, УЕФА им сугерира на своите арбитри да ја проценуваат секоја ситуација индивидуално на теренот. Доколку судијата смета дека фудбалерот намерно се обидува да ја скрие комуникацијата како чин на неспортско однесување, ќе може да му покаже само жолт картон, со што Европа јасно стави до знаење дека ќе ја задржи својата автономија во однос на одлуките на кровната организација.

