Контроверзниот сопственик на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, заработи жестока суспензија од дисциплинските органи по големите инциденти на вториот натпревар од финалната серија во грчкото првенство против Олимпијакос. Првиот човек на атинскиот гигант во следните шест месеци нема да смее да присуствува на ниту еден кошаркарски натпревар, а дополнително ќе треба да плати и парична казна од 50.000 евра. Лошо помина и самиот клуб Панатинаикос, кој покрај истата парична глоба од 50.000 евра, во новата сезона ќе мора да одигра еден домашен натпревар пред целосно празни трибини.
Јанакопулос направи вистински скандал на триесетина секунди пред крајот на големото дерби кога незадоволен од судењето се спушти директно на паркетот. Тој влезе во жестока вербална пресметка со службените лица, а бидејќи тензијата брзо ескалираше, мораше да реагира и клупското обезбедување кое со напор го отстрани од салата.

