Антонио Конте и натаму е без ангажман, но италијанскиот стратег внимателно го избира следниот чекор во својата кариера. Според информациите на трансфер-експертот Фабрицио Романо, Конте одбил понуди од Ал Ахли и Фенербахче, бидејќи сака проект кој целосно ќе одговара на неговите амбиции.
Ал Ахли му понудил на искусниот тренер финансиски исклучително поволни услови, но Конте не бил заинтересиран за преселба во Саудиска Арабија. Исто така, тој ја одбил можноста да седне на клупата на Фенербахче, проценувајќи дека турскиот клуб во овој момент не е вистинската средина за неговото враќање на работа. Конте летово го напушти Наполи по две сезони поминати на „Диего Армандо Марадона“. Во тој период успеа да ја освои титулата во Серија А, како и Суперкупот на Италија.
Неговото име во последниот период повторно се поврзува со неколку големи клубови. Меѓу нив се Милан, Јувентус и Манчестер Јунајтед, а дополнителни шпекулации предизвика и неговото присуство на „Сан Сиро“ на натпреварот меѓу Милан и Бенфика. Сепак, засега нема потврда дека Конте постигнал договор со некој од заинтересираните клубови. Италијанецот, според Романо, е подготвен да почека и да го избере проектот кој ќе го смета за вистинскиот момент за неговото враќање на големата сцена.

