Меѓународен фудбал Фудбал

Конте ги демантираше шпекулациите за клупата на „Олд Трафорд“

Италијанскиот стратег Антонио Конте излезе со официјална реакција и ги демантираше гласините кои во последните денови интензивно го поврзуваат со преземање на клупата на Манчестер Јунајтед како замена за Мајкл Карик. Во соопштение објавено на своите социјални мрежи, трофејниот стратег нагласи дека во моментов не води никакви напредни преговори со ниту еден клуб.

Огласувањето на Конте доаѓа откако англиските медиуми објавија дека гигантиот од „Олд Трафорд“ наводно се повлекува од идејата да го ангажира поради неговите високи финансиски барања, ултиматумот за тотална контрола врз трансферите и неговиот авторитативен темперамент.

„Моето име се поврзува со редица клубови, но во овој момент нема преговори кои се во напредна фаза. По прекрасниот и успешен период на чело на Наполи, ќе си земам потребно време за да обмислам како и кога да ѝ се вратам на тренерската професија. Читав информации за мои наводни финансиски претензии, барања за целосна контрола и загриженост околу мојот ‘тежок карактер’. Сите тие тврдења се целосно неосновани, бидејќи моментално не постои никаква конкретна основа за такви оценки. Доколку се појави вистинска можност, тогаш ќе седнам на маса со соодветниот клуб и заедно ќе ги разгледаме условите. Дотогаш, сите претпоставки за моите барања и иднина остануваат во сферата на чисти шпекулации“, напиша Конте на својот профил на Инстаграм.

По заминувањето од клупата на Наполи, италијанскиот менаџер останува една од најпосакуваните тренерски опции на европскиот пазар, но порачува дека новиот ангажман ќе го избере исклучиво под сопствени услови и во вистински момент.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.