Јувентус продолжува да собира бодови во новата сезона во Серија А, откако на домашен терен ја совлада Аталанта со 2-0. „Бјанконерите“ одиграа дисциплинирано и со по еден гол во двете полувремиња стигнаа до заслужен триумф. Гостите немаа одговор на ефикасната игра на домаќинот, кој со победата направи нов чекор кон горниот дел од табелата.
Јувентус до предност стигна во 28. минута. По одлично изработена акција, Челик го пронајде Консеисао во казнениот простор, а Португалецот без многу размислување упати прецизен удар од околу 12 метри за 1-0. Аталанта во продолжението се обиде да се врати во натпреварот, но Јувентус успешно го контролираше резултатот. Сите дилеми околу победникот беа решени во 77. минута.
Едон Жегрова изведе корнер, а Глејсон Бремер беше највисок во шеснаесетникот и со удар со глава ја затресе мрежата за конечни 2-0. Со новите три бода, Јувентус стигна до 10 бодови и моментално се наоѓа на шестата позиција. Аталанта, пак, останува со шест бодови и се наоѓа на 12. место на табелата.

