И покрај новата тешка повреда и неуспешниот обид за враќање во октагонот, Конор Мекгрегор не размислува да стави крај на својата ММА кариера. Ирската ѕвезда преку објава на социјалните мрежи потврди дека има намера да ја одработи последната борба од договорот со УФЦ пред конечно да се повлече.
Мекгрегор во изминатите години се соочи со сериозни проблеми со повреди, вклучувајќи скршеница на ногата, оштетени лигаменти на двете колена и нова повреда која повторно го одложи неговото враќање. Поради тоа, настап до крајот на годината е малку веројатен, а како најреален термин за неговото последно појавување во октагонот се споменува следната пролет.
„Нема да бидам жртва на околностите. Следуваат операција, рехабилитација и враќање на тренинзите. Повторно одиме напред. Ме чека уште една, последна борба од договорот“, порача Мекгрегор.
Иако многумина сметаат дека неговата кариера е при самиот крај, поранешниот шампион уште еднаш покажа дека нема намера лесно да се откаже и сака последен пат да влезе во октагонот пред официјално да каже збогум на спортот.

