Македонски фудбал Фудбал

Конечно триумф за кратовчани, Силекс славеше убедливо кај Башкими (ВИДЕО)

По шест кола без славје и полни два месеци пауза од последниот триумф над Скопје во средината на август, фудбалерите на Силекс конечно ја прекинаа црната низа во Првата македонска фудбалска лига, и тоа на исклучително моќен начин. Кратовчани одиграа еден од своите најзрели натпревари сезонава и во рамките на десеттото коло остварија убедлива победа од 0:3 на гостувањето кај Башкими во Куманово.

Избраниците на Александар Васоски уште во раната фаза го воспоставија посакуваниот ритам, а наградата пристигна во 13. минута кога брзата комбинација по левата крилна позиција заврши со приземно проиграување до Нихад Шеро, кој од непосредна близина ја смести топката зад грбот на Алиу. Најдобриот момент на средбата се случи веднаш по паузата, кога левиот бек Кристијан Ефтимов со велемајсторски лоб-удар од косо го изненади домашниот чувар на мрежата за комфорни 0:2. Домаќините за момент ги вратија надежите во 76. минута откако Рибеиро ја затресе мрежата на Џеков, но по видео-анализата во ВАР-собата погодокот беше поништен поради офсајд. Казната за домашните и дефинитивен печат на оваа доминантна партија пристигна во судиското надополнување, кога резервистот Александар Мишов искористи нов простор и ги постави конечните 0:3, најавувајќи подобри денови за Силекс пред претстојниот дуел со Шкендија Арачиново.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.