Боречки спортови Други спортови

Конечно борба за појасот: Стошиќ го предизвикува Хатеф во загребската Арена!

Најдобриот српски тешкаш Дарко Стошиќ конечно ќе го нападне шампионскиот појас во тешка категорија на ФНЦ организацијата. Тој на 12 септември во загребската Арена ќе ги одмери силите со актуелниот првак Хатеф Моил. Овој спектакл првично беше планиран за минатата година, но тогаш тешката повреда на Стошиќ го одложи долгоочекуваниот дуел во кафезот.

Германскиот гигант Хатеф дојде во регионалната ММА промоција по скандалозното заминување од чешката организација „Октагон“. Тој ја освои титулата во февруари со победата над Иван Витасовиќ, а сега првата одбрана на појасот ќе ја има против човекот кој добро го познава. Овие двајца борци имаат историја која датира уште од 2015 година. Тогаш Стошиќ славеше со доминантен прекин, триумф кој подоцна го лансираше во УФЦ. По тој пораз, Хатеф направи неверојатен напредок и моментално се наоѓа во серија од 13 последователни победи.

Патот до овој реванш понуди многу драма во тешката категорија. Стошиќ на почетокот на годината доживеа шокантен пораз од Витасовиќ во меч каде што Хрватот постави светски рекорд со дури 479 упатени удари. Сепак, Хатеф во меѓувреме го совлада Витасовиќ и го презеде појасот, додека Стошиќ експресно ја врати позицијата на прв предизвикувач со две убедливи победи против Оли Томсон и Грег Харди.

Возбудата во Загреб ќе ја комплетира и втората главна борба на вечерта. Во неа ракавиците ќе ги вкрстат Иван Ерслан, кој се враќа по настапите во УФЦ, и секогаш атрактивниот Миран Фабјан. Контроверзниот словенечки борец, познат како „Сло Роки“, веќе најави дека неговата цел е повторно да го украде целото шоу и да приреди нова сензација во Арената.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.