Меѓународен фудбал Фудбал

Комо славеше на „Артемио Франки“ и ја продлабочи кризата во Фиорентина (ВИДЕО)

Екипата на Комо успеа на убедлив начин да им се врати на победите во италијанската Серија А, откако на гостувањето кај Фиорентина оствари триумф од 1:3 во рамките на седмото коло. Избраниците на Сеск Фабрегас прикажаа исклучителна ефикасност во офанзивата и со зрела игра ги однесоа сите три бода од стадионот „Артемио Франки“, дополнително продлабочувајќи ги проблемите на домашниот састав.

Мрежата на „виолетовите“ се затресе во 32. минута кога Матија Либерали со прекрасен удар од дистанца го отвори резултатот, а само четири минути подоцна Нико Паз зголеми на 0:2 по прецизниот центаршут на Алекс Ваље. Домаќините за момент вратија надеж во 42. минута преку Марин Понграчиќ, кој најдобро се снајде во казнетиот простор по една одбиена топка. Хрватскиот дефанзивец пред самиот одмор уште еднаш ја смести топката во мрежата на Комо, но тој погодок беше поништен по ВАР-анализа поради минимален офсајд.

Сите дилеми околу прашањето на победникот беа разрешени во 56. минута, кога Анастасиос Дувикас на асистенција на расположениот Нико Паз со ладнокрвна реализација ги постави конечните 1:3. Во завршницата Фиорентина се обиде да се избори за резултатско враќање, но ударот со глава на Алиеу Нџие заврши само во рамката од голот. Со овој вреден триумф Комо стигна до бројката од 14 бода и се искачи на високото четврто место на табелата, додека Фиорентина останува на загрижувачката предпоследна 19-та позиција со само четири освоени бода.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.