Меѓународен фудбал Фудбал

Комо му го „украде“ бисерот на Милан: Либерали одби двојно поголема плата за да работи со Фабрегас

Младиот италијански талент Матија Либерали приреди вистинско изненадување на трансфер-пазарот откако ја одби понудата на својот поранешен клуб Милан и реши да потпише за амбициозниот Комо. Иако за неговите услуги се распрашуваа голем дел од клубовите во Серија А, трката на крајот се сведе на два избора. Офанзивниот играч од средниот ред покажа неверојатна одлучност, ги тргна емоциите настрана и му даде збор на Комо, и покрај тоа што „росонерите“ му нудеа далеку подобри финансиски услови за враќање на „Сан Сиро“.

Либерали израсна во младинската школа на Милан каде што помина цела деценија, но таму никогаш не доби вистинска шанса во првиот тим. Минатото лето тој се пресели во Катанѕаро во Серија Б со цел да ја добие потребната минутажа, што се покажа како негова одлична одлука. Неодамнешниот стрелец за У19 репрезентацијата на Италија против Србија блесна во второлигашката конкуренција со четири гола и четири асистенции, со што стана еден од најзаслужните за пласманот на Катанѕаро во финалето од баражот за елитата.

Комо го обезбеди неговиот потпис со активирање на откупната клаузула од 6 милиони евра, од кои половината му припаѓаат на Милан според претходниот договор. Штом дозна за оваа опција, новиот тренер на Милан, Рубен Аморим, веднаш побара од управата да го врати играчот во Милано. Во спасувачката мисија се вклучи и газдата Гери Кардинале кој преку видео повик му понуди на Либерали годишна плата од 1,2 милиони евра. Сепак, 19-годишниот фудбалер реши да го одржи зборот кој му го дал на Сеск Фабрегас, прифаќајќи плата од 750.000 евра во Комо бидејќи смета дека нивниот спортски проект е идеален за неговиот развој.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.