Македонски фудбал Фудбал

Комити испратија порака, па се обидоа да влезат на теренот, спречен поголем инцидент!

Натпреварот меѓу Вардар и Арсими донесе неочекувана драма надвор од теренот, откако тензиите на трибините во вториот дел предизвикаа прекин кој траеше повеќе од 15 минути. Во пресрет на дуелот, навивачката група „Комити“ најави дека ќе го искористи мечот за да го изрази незадоволството од актуелното раководство на Вардар, предводено од Миленко Неделковски. Причина за револтот, меѓу другото, се наводите дека дел од членовите на групата биле нападнати од лица блиски до управата на клубот за време на претходниот домашен натпревар.

„Комити“ вечерва пристигнаа на тренинг-комплексот при ФФМ со намера да им дадат поддршка на фудбалерите, но истовремено од трибините упатија јасни пораки кон раководството на „црвено-црните“. Ситуацијата дополнително се вжешти во второто полувреме, кога дел од навивачите се обидоа да го пробијат просторот и да влезат на теренот. Обидот не успеа, по што целата навивачка група организирано го напушти стадионот.

Поради случувањата на трибините, главниот судија беше принуден да го прекине натпреварот, а играта мируваше повеќе од 15 минути. По смирувањето на ситуацијата и напуштањето на стадионот од страна на „Комити“, условите беа создадени за продолжување на дуелот. Така, мечот кој на теренот не донесе поголеми тензии, доби сосема поинаков тек на трибините, во период кога незадоволството меѓу дел од навивачите на Вардар и актуелното раководство е сè поизразено.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.