Освојувањето на Светското првенство носи вечна слава, но и вреден сувенир кој со текот на годините може да достигне огромна цена. Медалите што ги добиваат светските шампиони не се само симбол на успехот, туку и колекционерски предмети за кои љубителите на спортот се подготвени да платат вистинско богатство.
Иако не се изработени од чисто злато, шампионските медали имаат висока материјална вредност поради позлатата, а на аукции некои примероци биле продадени и за околу 70.000 долари. Сепак, конечната цена најмногу зависи од тоа кому му припаѓал медалот и каква приказна стои зад него.
Фудбалерите имаат целосно право да ги продадат своите медали доколку некогаш одлучат на таков чекор, бидејќи ФИФА не поставува никакви ограничувања по нивното освојување. Еден од најпознатите примери е легендарниот Пеле. Неговиот медал од Светското првенство во 1958 година беше продаден за 255.000 долари, а медалот од шампионската титула во 1970 година достигна речиси половина милион долари, поставувајќи рекорд за најскапо продаден светски шампионски медал. Освен медалите, победниците на Мундијалот од поновите изданија добиваат и шампионски прстен, што претставува нова традиција на ФИФА.

