Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Колина воведува нови правила на Светското првенство!

Меѓународниот борд на фудбалски асоцијации (IFAB) одобри серија измени во Правилата на играта, кои ќе стапат на сила од сезоната 2026/27. Тие за првпат ќе бидат применети уште на Светското првенство во фудбал, кое започнува на 11 јуни во САД, Мексико и Канада.

„IFAB одобри збир на клучни измени во Правилата на играта и Светското првенство во 2026 година ќе биде првиот голем турнир на кој тие ќе бидат применети“, изјави претседателот на Судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.

Овие измени имаат за цел да се справат со дискриминацијата, да го ограничат трошењето (крадењето) на времето, да го подобрат темпото на игра и да го направат фудбалот попривлечен како за играчите, така и за навивачите.“

Црвен картон за покривање на устата

Играч кој ја покрива устата со рака, подлактица или со дресот во конфликтни ситуации, ќе биде казнет со директен црвен картон. Новото правило доаѓа по случајот со Џанлука Престиани од Бенфика, кој беше санкциониран за дискриминаторски навреди кон Винисиус Жуниор, упатени со покриена уста. УЕФА му изрече казна од шест натпревари, која важи на глобално ниво.

Играчите нема да бидат казнувани ако ја покриваат устата за време на нормален разговор со соиграчите или социјалните ривали.

Промените во светскиот фудбал

  • Играч кој ќе го напушти теренот во знак на протест против судиска одлука, ќе биде исклучен. Истата казна ќе важи и за членовите на стручниот штаб или официјалните лица кои ги поттикнуваат фудбалерите на такви постапки. Екипа која ќе предизвика прекин на натпревар, ќе го изгуби натпреварот со службен резултат.

  • Судиите ќе користат петсекундно одбројување со подигната рака пред продолжување на играта. Ако топката не биде ставена во игра до истекот на тоа време, поседот ќе премине кај противничкиот тим. При неизведен аут (аут кој не е изведен навреме), за противникот ќе биде досуден корнер.

  • Играчите ќе имаат на располагање 10 секунди за да го напуштат теренот откако на таблата ќе се покаже измената. Тие мора да излезат од најблиската точка во моментот каде се наоѓаат на игралиштето. Доколку тоа не се случи во предвидениот рок, замената ќе може да влезе дури при првиот прекин откако ќе истече една минута од продолжувањето на играта и тоа по дозвола од судијата. Исклучоци ќе се прават само при повреди и ситуации поврзани со безбедноста и сигурноста.

  • Фудбалер кој примил медицинска помош на теренот, ќе мора да остане надвор од игра една минута по нејзиното продолжување. Исклучоци ќе има за голманите, судири меѓу голман и играч од поле, судири меѓу соиграчи, тешки повреди (вклучувајќи повреди на главата и потрес на мозокот), како и во случаи кога повредениот фудбалер треба да изведе пенал.

Промени во VAR системот

VAR отсега ќе може да реагира и во следните случаи:

  • Црвен картон покажан како последица на очигледно погрешно досуден жолт картон.

  • Погрешен идентитет – кога казната е изречена на фудбалер кој не го направил прекршокот.

  • Погрешно досудени корнери, доколку одлуката може да се коригира веднаш и без одложување на играта.

  • Прекршоци направени пред продолжување на играта, на пример, кога напаѓач ќе направи фаул над дефанзивец пред изведување на прекин (статична позиција).

Според IFAB, доколку по прегледот на ситуацијата судијата утврди прекршок пред топката да биде ставена во игра, ќе бидат изречени соодветните дисциплински санкции, а изведувањето на корнерот или слободниот удар ќе биде повторено.

Дополнителни мерки

  • Во секое полувреме ќе има по една триминутна пауза за хидратација (освежување), обично околу 22-рата минута. Судиите ќе можат да го менуваат времето на оваа пауза во зависност од развојот на натпреварот.

  • Доколку голманот прима медицинска помош на теренот, фудбалерите од двете екипи нема да имаат право да го напуштаат игралиштето за да добиваат инструкции од своите тренери.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.