Првиот човек на судиската организација на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, застана во одбрана на арбитрите по бројните напади на Мундијалот. Тој категорично ги отфрли обвинувањата дека некој однадвор влијае врз одлуките на судиите на Светското првенство.
Интегритетот на организацијата беше доведен во прашање по поништувањето на суспензијата на Фоларин Балогун и контроверзите на мечот Аргентина-Египет. Египќаните сметаат дека се сериозно оштетени поради поништениот гол, но и поради недосудениот фаул над Салах пред победничкиот гол на „гаучосите“.
Поради силното незадоволство во јавноста, Колина испрати јасна порака и потенцираше дека судиската комисија е целосно независна во својата работа.
„Почитуваме конструктивни дискусии, но не и неосновани обвинувања. Никој не може да го доведува во прашање нашиот интегритет. Никој не влијае врз работата на судиите, па ниту претседателот Џани Инфантино. Имаме негова полна поддршка, а судиите на Мундијалот носат чесни одлуки и го даваат максимумот“, изјави Италијанецот.

