Кошарка Меѓународна кошарка

Колапс на шампионот: Монако исфрлен од француската лига и се наоѓа пред згаснување

Францускиот кошаркарски шампион Монако се соочува со вистинска катастрофа која го загрозува неговото постоење. Финансиската контрола на тамошната кошарка ја одби пријавата на клубот за настап во домашното првенство во сезоната 2026/27. Причина за ваквата драстична мерка се огромните финансиски проблеми и недостигот на гаранции за нормално функционирање. Само една недела по освојувањето на титулата, тимот е исфрлен од елитата, а веќе е потврдено дека следната сезона нема да игра во Евролигата, туку ќе се пресели во Еврокупот, доколку воопшто преживее.

Колапсот започна откако претседателот Алексеј Федоричев остана без голем дел од своето богатство поради замрзнат имот и санкции поврзани со војната во Украина. Клубот со години беше целосно зависен од неговите приватни средства. Државата помогна финансиски за да се доигра минатата сезона, но властите во Кнежевството веќе не сакаат да даваат поддршка додека Русинот е на чело на тимот. Медиумите пренесуваат дека Федоричев би можел да го загуби сопственичкиот удел за симболично едно евро, со што практично ќе пропаднат неговите досегашни инвестиции проценети на речиси 100 милиони евра.

Клубот веќе поднесе жалба до надлежните органи, а конечната одлука за лиценцата ќе биде донесена на 20 јули. Пред тоа, на 10 јули, ќе се одржи клучно судско рочиште во Монако кое може да ја одреди судбината на комплетниот проект. Доколку жалбата на Монако биде одбиена, нивното место во лигата ќе го заземе тимот на Сен Квентан.

Сепак, надеж за спас сè уште постои. Група инвеститори предводена од поранешната НБА ѕвезда Џамал Мешбурн подготвува план за преземање на клубот. Во игра за купување е и Стивен Шулер, извршен директор на неколку моќни енергетски и поморски компании. Времето брзо истекува, а претседателот на француската лига, Филип Осер, веќе порача дека за Монако нема да има никакви попусти и дека сите клубови мора строго да ги почитуваат финансиските правила.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.