Денеска започнуваат возбудувањата во Првата македонска фудбалска лига. Натпреварот меѓу Тиквеш и Арсими е на програмата од 17:00 часот на Градскиот стадион во Кавадарци, а двете екипи ќе ја имаат честа да останат забележани во историјата на македонскиот фудбал како тимови кои ја отвориле јубилејната 35. сезона во домашниот фудбал.
Кога велиме „најнеизвесната”, не мислиме само на резултатски план, бидејќи, појдовно оттука, нешто драстично и не очекуваме да се промени. Вардар и Шкендија веќе во европските натпреварувања покажаа дека се најквалитетни тимови во првенството и дека ќе бидат единствените конкуренти за освојување на шампионатот, овие две екипи… неколку празни места, па потоа останатите. Она што загрижува е состојбата во која се наоѓаат голем дел од клубовите кои токму тие ќе ја имаат честа да се натпреваруваат во јубилејната сезона.
Проблемите се тука, постојат. И покрај алармирањето од страна на Фудбалската федерација на Македонија, клубовите навреме да ги решат своите кадровски, организациони, но и финансиски проблеми како би можеле без проблем да се натпреваруваат, истите чинители и учесници некако немаат слух за апелот од „Куќата на фудбалот”.
А каде е проблемот? Всушност, проблемот е многу голем. Повеќето од тимовите на само неколку дена пред првенството ги започнаа припремите, без структуриран фудбалски кадар, со стари финансиски маки, со неисплатени плати и премии на играчи од сезоната 2025/26, тужби, чекањето помош од ФФМ, чекањето помош од спонзори, вечното чекање поради нивната неспособност, што јасно ни дава знак дека можеби и нема да се нагледаме баш квалитетен фудбал, туку ќе се мачиме, ќе кубуриме и фудбалски ќе „преживуваме”. А тоа не е воопшто добро. Зарем Фудбалската федерација на Македонија треба да се грижи дури и за ваквите проблеми и испади на клубовите!?
Ако е така, тогаш далеку сме залутале, ако е тоа така, тогаш секој би бил компетентен да води клуб… со туѓи перја!
И по којзнае кој пат повторно се навраќаме на истото, на старите проблеми, на старите рани, на кои никако не можеме да им го пронајдеме решението. А кој е крив? И повторно тоа прашање кој е крив? Е тука е проблемот, вечното кој е крив и избегнување на одговорност!

