Хиберниан ќе биде следниот предизвик за Шкендија во третото квалификациско коло од Конференциската лига, а станува збор за еден од најтрадиционалните и најреномирани клубови во шкотскиот фудбал. Основан уште во 1875 година, клубот од Единбург своите домашни натпревари ги игра на стадионот „Истер Роуд“, кој собира повеќе од 20.000 гледачи, а актуелниот состав брои 29 фудбалери со вкупна пазарна вредност од околу 27 милиони евра.
Во тимот има искусни интернационалци и шкотски репрезентативци, а меѓу најпознатите имиња се Мартин Бојл, Џејми Мекграт и Грант Хенли, играчи кои носат големо искуство од британскиот фудбал.
Хиберниан има богата европска традиција и е првиот британски клуб што настапил во тогашниот Куп на европските шампиони во сезоната 1955/56, кога стигнал дури до полуфиналето. Во својата историја има забележано и големи европски победи против клубови како Барселона, Наполи и Спортинг Лисабон, а важи за еден од најпрепознатливите шкотски клубови, веднаш по Селтик и Глазгов Ренџерс.
Во последните години не е редовен учесник во групните фази на европските натпреварувања, но Хиберниан секогаш претставува незгоден противник, особено на домашен терен каде што атмосферата на „Истер Роуд“ знае да биде голем адут. За Шкендија ова ќе биде сериозен тест против екипа со богато меѓународно искуство, но и можност да покаже дека може рамноправно да се носи со еден од најугледните клубови од Шкотска.
Македонскиот претставник првиот натпревар го игра во Единбург на 6 август, а реваншот е седум дена подоцна, на 13 август на Националата арена во Скопје.

