Њујорк Никс стигнаа на половина пат до својот прв пласман во големото НБА финале по 1999 година, откако во вториот натпревар славеа убедливо против Кливленд Кавалирс со 109:93. Со оваа победа, Никси поведоа со 2:0 во серијата во финалето на Источната конференција и ја запишаа својата деветта последователна победа во досегашниот тек од плејофот.
Апсолутен херој на вечерта беше Џош Харт, кој го постави својот плејоф-рекорд во кариерата со 26 поени, казнувајќи ја дефанзивната стратегија на Кавс која свесно го оставаше сам на шут за три поени (погоди 5 тројки). Веднаш зад него беше Џејлен Брансон со 19 поени и рекордни 14 асистенции, додека Микал Бриџис додаде 19, а Карл-Ентони Таунс оствари дабл-дабл со 18 поени и 13 скокови.
За разлика од првиот меч каде што Никси бркаа голема негатива, овојпат работата ја завршија во третата четвртина. Откако Кливленд на почетокот на второто полувреме израмни, Брансон и Харт со брутална серија од 18:0 го скршија отпорот на противникот и донесоа недостижна предност од 71:53.
Кај поразените Кавалирс, Донован Мичел уфрли 26 поени, а Џејмс Харден додаде 18. Кливленд сега се наоѓа во незавидна позиција, но Мичел потсети дека неговиот тим веќе еднаш во претходната рунда успеа да се врати по негатива од 0:2. Серијата сега се сели во Охајо, каде третиот натпревар се игра в сабота навечер.

