Тренерот на Интер, Кристијан Киву, верува дека неговиот тим има квалитет да се бори за највисоките цели во Лигата на шампионите, но нагласува дека успехот не може да се купи со пари. Романскиот стратег ова го истакна пред дуелот со Клуб Бриж, во рамките на второто коло од европската елита.
Интер ќе се обиде да стигне до првите бодови, откако на стартот загуби од Реал Мадрид со 2-1. Киву најави одредени промени во составот, но потенцираше дека располага со конкурентна група во која секој фудбалер има важна улога.
„Со пари не можете да ја купите Лигата на шампионите. Нема играчи или тренери кои можат да ви гарантираат успех. Потребна е храброст, но најважна е работата што ја вложувате“, порача Киву.
Тој истакна дека амбициите на Интер секогаш се високи и дека клубот мора да се обидува да ги оствари своите цели, без да го потценува ниту еден противник.
„Имаме квалитетна група, конкуренцијата ги подигнува нивото на тренинзите и нашите амбиции. Сите весламе во иста насока, а сезоната е долга и потребна ни е енергија од сите играчи“, додаде тренерот на „нероаѕурите“.
Киву нагласи дека во овој момент најважен е претстојниот натпревар со Клуб Бриж, додека за конечниот пласман меѓу осумте најдобри во лигашката фаза ќе се размислува во продолжението од натпреварувањето.

