Кошарка Македонска кошарка

КФСМ не издаде лиценци за ТФТ, Чаир и Маџари за сезоната 2026/27!

Во процесот на лиценцирање за натпреварувачката сезона 2026/2027, Кошаркарската федерација на Македонија за првпат воведе систем кој, покрај организациските и техничките критериуми, вклучува и задолжително исполнување на условите за финансиска дисциплина.

Од Федерацијата информираат дека сите клубови биле навремено известени за правилата, роковите и обврските што произлегуваат од Правилникот за лиценцирање, а воедно им биле обезбедени и дополнителни олеснувања за навремено регулирање на финансиските обврски. Крајниот рок за исполнување на финансиските критериуми бил 15 јули 2026 година.

Сепак, три клуба не успеале да ги исполнат предвидените финансиски услови во утврдениот рок – ТФТ Скопје, Маџари Скопје и Чаир Скопје.

Поради тоа, Кошаркарската федерација на Македонија донела одлука да не им издаде лиценца за настап во највисокиот ранг на натпреварувањето во сезоната 2026/2027.

Во соопштението се нагласува дека одлуката не е насочена против ниту еден клуб, туку претставува доследна примена на Правилникот за лиценцирање, со цел да се обезбеди финансиска дисциплина, еднаков третман на сите учесници и создавање стабилен и одржлив систем за развој на македонската кошарка.

Од Федерацијата додаваат дека оваа одлука се однесува исклучиво на клубовите кои треба да настапуваат во највисокиот ранг во сезоната 2026/2027, додека постапката за лиценцирање на останатите натпреварувачки категории сè уште е во тек. По завршувањето на процесот, јавноста и клубовите ќе бидат дополнително информирани за донесените одлуки.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.