Седмиот последователен меч без победа за Манчестер Јунајтед донесе вистински колапс во таборот на англискиот гигант, а менаџерот Мајкл Керик не го криеше својот бес по понижувањето од 4:1 против Комо во Лигата на шампионите. Иако презеде дел од одговорноста за новата бламажа, стратегот на „црвените ѓаволи“ отворено го впери прстот кон своите фудбалери, обвинувајќи ги за недостаток на борбеност, трчање и желба за победа.
„Добро сум, но сум ужасно разочаран. Повеќе сум од фрустриран, искрено, многу сум бесaн. Но мора да продолжиш понатаму и да се соочиш со тоа што следи. Мене ми е грижа за овој фудбалски клуб колку и на кој било друг, а можеби и повеќе, имајќи предвид што сè значи тој за мене. Начинот на кој игравме е едноставно неприфатлив. Беше исклучително тешко да се гледа таква игра“, изјави Керик.
Како директен одговор на прозивките од капитенот Бруно Фернандеш околу зонската одбрана и тактиката, Керик истакна дека проблемот не лежи во формацијата, туку во залагањето на теренот.
„Во второто полувреме се обидовме да играме пресинг ‘човек на човек’, па токму од таква ситуација примивме гол. На крајот на краиштата, можеш да играш во каков било систем и да примениш каква било тактика, но ако не трчаш, ако не одиш напред и не се враќаш назад, нема да победиш на ниту еден меч“, заклучи разнишаниот кормилар на Јунајтед.

