Вечерва Светското првенство ќе го дознае уште еден патник во полуфиналето. Во Мајами, со почеток од 23:00 часот, во директна пресметка за место меѓу четирите најдобри ќе се соочат репрезентациите на Англија и Норвешка.
„Гордиот Албион“ важи за благ фаворит на овој дуел. Англичаните имаат далеку поголемо мундијалско искуство, силен индивидуален квалитет и статус на актуелни европски вицешампиони. На патот до четвртфиналето, предводени од извонредниот Хари Кејн, тие забележаа победи против Хрватска, Панама, ДР Конго и Мексико, а ремизираа единствено против селекцијата на Гана.
„Во четвртфинале сме, што значи дека мора да бидеме уште порешителни, похрабри и попаметни од досега на овој шампионат. Само нашата најдобра верзија може да ни донесе успех. Ја почитуваме одличната Норвешка, но продолжуваме да сонуваме за враќање на титулата дома, таму каде што е роден фудбалот“, порача англискиот селектор Томас Тухел.
Од друга страна, Норвешка со задоволство ја прифаќа улогата на аутсајдер, но нема намера предвреме да го развие белото знаме. Избраниците на Столе Солбакен веќе докажаа дека можат со секого, откако во претходната рунда го елиминираа најтрофејниот светски тим, Бразил. Претходно, „викинзите“ во групата ги совладаа Сенегал и Ирак, загубија од Франција, а во нокаут-фазата беа подобри и од Брегот на Слоновата Коска.
„Англија е фаворит, но притисокот е целосно на нивна страна, бидејќи никој не ја очекуваше Норвешка во оваа завршна фаза. Сепак, сè тоа паѓа во вода кога ќе тргне топката од центарот. Имаме наш план, наши идеи и подготвени сме да ‘гинеме’ на теренот за да ги оствариме амбициите“, изјави Солбакен.
Овој натпревар ќе донесе и неверојатни директни дуели на теренот. Очите на јавноста ќе бидат вперени во мега-пресметката на голгетерите Хари Кејн и Ерлинг Халанд, како и во креативната војна во средниот ред меѓу Џуд Белингем и Мартин Одегард.

