Претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган, доби суспензија од 45 дена поради прекршување на правилата поврзани со обложувањето, објавија турските медиуми. Тој е меѓу вкупно 147 сегашни и поранешни фудбалски функционери кои се санкционирани од Дисциплинската комисија на Турската фудбалска федерација.
Покрај забраната за извршување службени должности, казнетите функционери нема да смеат ниту да присуствуваат на стадиони во периодот на суспензијата. Поради тоа, Доган нема да може да го придружува Трабзонспор на следните неколку натпревари. Казната доаѓа во рамките на пошироката акција на турските фудбалски власти против прекршувањата на забраната за обложување, која опфати голем број лица поврзани со клубовите.

