Барселона и официјално го претстави своето ново засилување за иднината, откако 18-годишниот белгиски талент Џеси Бисиву стави потпис на договор со каталонскиот гигант до летото 2031 година. Младиот крилен фудбалер беше промовиран во присуство на претседателот Жоан Лапорта, потпретседателот Рафаел Јусте и спортскиот директор Деко, со што и официјално започна неговата авантура на „Камп Ноу“.
Барселона уште минатата недела го потврди трансферот на Бисиву од Клуб Бриж, за кој плати 8,5 милиони евра. Иако во почетокот ќе биде регистриран за вториот тим, тој ќе му биде на располагање и на првиот состав кога ќе биде потребно. На своето претставување, белгискиот фудбалер откри кој е неговиот најголем фудбалски идол.
„Мојот омилен играч е Нејмар“, изјави Бисиву, кој се надева дека во дресот на Барселона ќе изгради успешна кариера и ќе ги оправда големите очекувања.

