Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Карлос Кеирош: Ова беше само увертира, за Гана дури сега почнува Мундијалот!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Гана, Карлос Кеирош, испрати гласна и директна порака до јавноста по пласманот на неговата селекција во елиминациската рунда на Светското првенство. Иако неговите избраници претрпеа пораз од Хрватска со 2:1 во Филаделфија во последното коло, „црните ѕвезди“ како една од најдобрите третопласирани репрезентации во групата Л успеаја да обезбедат виза за шеснаесетфиналето, каде на 4 јули ги чека пеколен судир против Колумбија.

Искусниот португалски стратег, кој ја презеде клупата на Гана во април оваа година, смета дека дури сега започнува вистинскиот планетарен собир на тлото на САД, Мексико и Канада. Тој направи интересна компарација, порачувајќи им на своите фудбалери дека досегашниот престој бил само обична увертира, а вистинскиот притисок доаѓа дури сега. Според Кеирош, групната фаза е како кредитна картичка, во нокаут-системот едноставно доаѓа моментот кога мора да се плати сметката бидејќи секој меч е чиста драма, победникот носи сè и повеќе никој не може да се крие зад математиките.

Сепак, покрај најавата за претстојната битка, Кеирош ја искористи прес-конференцијата брутално да ја искритикува ФИФА за новиот формат со дури 48 учесници. Тој смета дека масовноста на турнирот сериозно го урива престижот и вредноста на Мундијалот. Како пример го посочи фактот дека дури девет од десет африкански селекции се пласираа во нокаут-фазата, што според него покажува дека квалификациите го губат својот смисол и тежина, особено на европското тло каде речиси секој обезбедува пласман. Португалецот заклучи дека во модерниот фудбал денес зборуваат само парите, додека вистинската фудбалска романтика и тешкиот натпреварувачки дух полека исчезнуваат.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.