Меѓународен фудбал Фудбал

Карлос Каизер, човекот што 20 години беше фудбалер… без да игра фудбал

Соблекувалната е полна со напнатост. Играчите се подготвуваат, тренерот дава последни инструкции, а од трибините веќе се слуша вревата на публиката. Во еден агол стои човек кој изгледа смирено, речиси рамнодушно. Не затоа што е сигурен во себе, туку затоа што знае нешто што никој друг не го знае, тој денес нема да игра. Не затоа што не е во форма, не затоа што не е во плановите на тренерот, туку затоа што во суштина, не знае да игра фудбал.

Неговото име е Карлос Хенрике Рапосо, попознат како Карлос Каизер, човек кој успеал да изгради една од најнеобичните „кариери“ во историјата на фудбалот.

Во текот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, Каизер бил дел од повеќе бразилски клубови, меѓу кои Ботафого, Фламенго, Фулминенсе, како и Васко да Гама. Кратко време поминал и надвор од Бразил, во мексиканскиот Пуебла ФК.

На хартија бил напаѓач. Во реалност, човек кој живеел од впечаток, контакти и приказна.

Неговиот „метод“ бил внимателно изграден. По потпишување на договор, првите денови ги користел за да создаде имиџ на сериозен професионалец. Тренирал, комуницирал со соиграчите и се вклопувал во атмосферата. Но кога ќе дојдел моментот за натпревар, следувала повреда.

Една од најпознатите епизоди се случила во периодот кога бил во Бангу Атлетико Клуб, клуб од Рио де Жанеиро. Тогашниот тренер конечно решил да му даде шанса да дебитира. Соочен со ситуација во која не може да ја избегне играта, Каизер реагирал импулсивно, но пресметано.

Додека се загревал покрај теренот, влегол во вербален конфликт со навивач на трибините. Расправијата брзо ескалирала, а судијата реагирал со црвен картон, пред Каизер воопшто да влезе во игра.

Кога тренерот побарал објаснување за инцидентот, Каизер одговорил дека реагирал затоа што навивачот го навредувал клубот. Наместо да биде санкциониран, неговиот потег бил протолкуван како знак на лојалност. Според сведоштва од тоа време, токму овој момент му помогнал да ја задржи позицијата во тимот.

Покрај „повредите“, Каизер користел и други методи за да го одржи својот статус. Бил близок со познати фудбалери од тоа време, што дополнително му давало кредибилитет. Често се појавувал во јавност, градел имиџ и создавал впечаток дека е дел од елитата.

Еден од неговите најпознати трикови биле лажните телефонски разговори со наводни европски клубови. Во период кога трансферите во Европа претставувале голем чекор, приказните за интерес од странство му давале дополнителна тежина во очите на клубовите. Управите, наместо да се сомневаат, гледале потенцијална можност за профит.

На овој начин, Карлос успеал да опстане во професионалниот фудбал речиси две децении. Без значајни настапи, без голови и без вистинска статистика, но со договори, плати и статус на професионален играч.

Неговата приказна денес се раскажува како еден од најнеобичните примери во спортот, не само како измама, туку и како показател за тоа колку системот може да биде ранлив кога впечатокот ќе стане поважен од реалноста, а во 2018 година за неговата приказна беше снимен и документарец.

Во свет каде милиони млади фудбалери сонуваат да успеат преку талент и работа, Каизер избрал поинаков пат и барем на хартија, успеал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести