Денешниот ден со златни букви ќе биде запишан во фудбалската историја на малото карипско островче Курасао. Репрезентацијата позната како „Синиот бран“ го игра својот прв, историски натпревар на Светските првенства, а судбината сакаше нивниот мундијалски деби настап да биде против моќната Германија.
Со само 150.000 жители, Курасао официјално го урива рекордот на Исланд (350.000) и станува најмалата држава која некогаш изборила пласман на еден фудбалски Мундијал. Оваа егзотична дестинација, попозната по рајските плажи, нуркањето и синиот ликер, живее за бејзболот како национален спорт број еден, но фудбалската еуфорија во изминатите месеци буквално го затвори островот.
Иако нивната независна репрезентација постои едвај од 2011 година (по распадот на Холандските Антили), Курасао има исклучително респектабилен состав. Бидејќи островот е под холандската круна, речиси сите фудбалери се родени во Холандија и поминале низ врвните европски школи. Капитенот Леандро Бакуна и поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Тахит Чонг, се лидери на генерацијата која дојде до Мундијалот без ниту еден претрпен пораз во квалификациите, дочекувајќи ја визата по луда ВАР-драма во судиското продолжение на клучниот меч против Јамајка.
За филмската приказна да биде комплетна, од клупата ги предводи легендарниот холандски стратег Дик Адвокат. На свои 78 години, искусниот тренер денес ќе стане најстариот селектор во историјата на Светските првенства. Неговото појавување на турнирот дојде по вистински хаос во стручниот штаб, тој прво се повлече поради болест на ќерката, па беше заменет со Фред Рутен, за на крајот, по барање на играчите и спонзорите, Адвокат експресно да се врати на позицијата пред самиот почеток на првенството.
Курасао е во група со Германија, Еквадор и Брегот на Слоновата Коска, но карипските дебитанти најавуваат дека не се дојдени во Америка само како туристи. Нивната огромна желба, фанатичната борбеност и позитивната енергија се нивното најсилно оружје со кое денес ќе се обидат да направат уште едно чудо против „панцерите“.

