Македонски ракомет Ракомет

Карапалевски ќе „тресе“ мрежи за ГРК Охрид!

Екипата на ГРК Охрид продолжува со сериозното екипирање за претстојната сезона, а најновото име во низата засилувања е македонскиот репрезентативец Мартин Карапалевски. 26-годишниот се обврза на верност кон охридскиот клуб со долгорочен договор кој ќе трае најмалку до 2028 година.

Карапалевски во Охрид доаѓа како докажано име на меѓународната сцена. По две успешни сезони поминати во шпанското првенство (ASOBAL) во дресот на Ваљадолид, средниот бек реши да се врати во татковината. Претходно, тој беше важен дел од тимот на РК Вардар 1961, со кој стекна драгоцено искуство во најсилните натпреварувања.

По потпишувањето на договорот, Карапалевски не го криеше задоволството што ќе биде дел од амбициозната средина на ГРК Охрид. Тој потенцираше дека растот на клубот бил клучен фактор за неговата одлука:

„Исклучително сум среќен што станувам дел од ГРК Охрид, колектив кој покажува континуиран напредок од сезона во сезона. Уште при првиот контакт со раководството, ми се допадна визијата и долгорочниот проект по кој клубот планира да се развива. Со нетрпение го очекувам првиот настап пред фантастичната охридска публика и верувам дека со заеднички сили ќе ги оствариме зацртаните цели на клубот“, истакна Карапалевски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести