Кошарка Македонска кошарка Меѓународна кошарка

Капитенот Стојановски пред новата сезона: МЗТ повторно атакува на сите трофеи!

Новата кошаркарска сезона носи нова трка за трофеи, а МЗТ Скопје Аеродром повторно влегува со највисоки амбиции на домашната сцена. „Штрковите“ не сакаат да се задоволат само со продолжување на доминацијата во Македонија, туку најавуваат и сериозен настап на меѓународен план. Во пресрет на почетокот на сезоната, капитенот Дамјан Стојановски ги сподели очекувањата од новиот предизвик и потврди дека целите на скопскиот тим остануваат добро познати – борба за сите достапни трофеи.

„Амбициите на МЗТ Скопје Аеродром се секогаш исти – највисоки. Како и секоја година, така и оваа целите се највисоки и во домашното првенство и во АБА2 лигата, а дополнително сакаме да оствариме што подобар пласман и во ФИБА Еврокупот“, изјави Стојановски.

Искусниот капитен посочи дека патот до поставените цели ќе мора да се гради преку заедничка игра и максимална енергија на секој натпревар. Според него, токму колективниот пристап може да биде една од најважните предности на МЗТ во сезоната која следува.

„Најголемото наше оружје во сезоната што е пред нас ќе бидат тимската игра и енергијата. Верувам дека токму тие сегменти ќе ни помогнат да ги оствариме поставените цели“, додаде капитенот на МЗТ.

Стојановски доби и прашање што очекува од новата сезона во македонската Суперлига, а неговиот одговор беше краток, но доволно јасен за да предизвика насмевка.

„Од новата сезона во Суперлигата очекувам да играме во топли сали“, порача низ насмевка Стојановски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.