Македонската машка ракометна репрезентација ги започна завршните подготовки за бараж двомечот против Словачка, кој е последната пречка на патот кон Светското првенство во 2027 година. Атмосферата во националниот табор е на високо ниво, а еден од предводниците на оваа нова Македонија, Филип Кузмановски, со голем оптимизам гледа кон претстојните предизвици.
„Македонија има јасна цел. Имаме краток период да се спремиме и сакаме да извојуваме две победи, да го покажеме тој квалитет што го имаме. Мислам дека заслужуваме оваа генерација да ја однесеме на уште едно големо натпреварување. Ќе го дадеме максимумот на гостински терен и после посакувам пред полна сала Борис Трајковски да го потврдиме пласманот. Очекувам голема поддршка каква што ја имаме на домашен терен секогаш. Мислам дека таа огромна поддршка ја имаме заслужено со нашите резултати и игра и со нетрпение ги чекаме овие натпревари за Македонија за да се пласираме на уште едно големо натпреварување“. – изјави капитенот Кузмановски.
Бекот на нашиот национален тим верува дека овој состав има капацитет за континуитет на големите сцени.

