Поранешниот шпански репрезентативец Жоан Капдевила се соочува со бизарен проблем кој го спречува да им се приклучи на своите соиграчи од златната генерација од 2010 година на големото финале на Светското првенство. Легендарниот лев бек преку социјалните мрежи јавно сподели дека американските власти му го одбиле барањето за електронска дозвола за патување (ЕСТА), со што му е оневозможено заедно со своите деца во живо да ја бодри „фуријата“ против Аргентина. Тој не ја криеше својата фрустрација и разочарување, истакнувајќи дека бил неизмерно возбуден за овој натпревар.
Причината за ваквата радикална одлука на американските имиграциски служби лежи во фактот што Капдевила пред цела деценија престојувал во Техеран. Станува збор за натпревар од хуманитарен карактер на кој тогаш настапија голем број легенди на Ла Лига, меѓу кои Клод Макелеле, Гаизка Мендиета и Фернандо Мориентес, но тоа патување во Иран сега му создаде огромни административни пречки на 48-годишниот Шпанец. Капдевила инаку е единствениот фудбалер од стартната постава на Шпанија во историското финале против Холандија во Јужна Африка кој во тој момент не беше член ниту на Реал Мадрид, ниту на Барселона.
Во обид експресно да го реши проблемот на само еден ден пред финалето, Капдевила испрати јавен апел за помош на своите профили. Тој во објавата директно ги означи американскиот претседател Доналд Трамп, државниот секретар на САД Марко Рубио, како и шпанското Министерство за спорт. Поранешниот дефанзивец порача дека ќе му биде доживотно благодарен на секој што може да ургира кај американските власти за да му се дозволи влез во земјата и да го проследи утрешниот спектакл.

