За некои селекции предмундијалските денови носат огромни главоболки и неизвесност поради повреди на клучните играчи. Токму во ваква незавидна позиција се наоѓа репрезентацијата на Канада, која стравува за подготвеноста на својот најдобар фудбалер.
Ѕвездата на Баерн Минхен Алфонсо Дејвис, веќе им се приклучи на соиграчите во националниот тим, но неговата физичка состојба сè уште не е на потребното ниво за максимални напори. Левиот бек сè уште закрепнува од повредата на мускулот (истегнување), која ја заработи минатиот месец на полуфиналниот реванш од Лигата на шампионите, кога Баерн ремизираше 1:1 со Пари Сен Жермен.
За време на пријателскиот натпревар во Едмонтон, во кој Канада славеше со 2:0 против Узбекистан, капитенот остана на клупата за резерви, а за време на загревањето одработи само полесни кондициски трчања. Иако има постигнато 15 голови на 58 средби за својата земја и се најде на конечниот список од 26 патници за СП, сè уште е мистерија кога тој ќе се врати во акција. Канаѓаните, кои се кодомаќини на турнирот заедно со САД и Мексико, својот прв натпревар го играат на 12 јуни во Торонто против Босна и Херцеговина.
„Чувството да се излезе на терен и да се трча беше навистина убаво. Среќен сум што сум дома и што можам да им дадам поддршка на колегите. Во следните денови ќе видиме како ќе напредува рехабилитацијата, одиме чекор по чекор“, изјави Дејвис за агенцијата АП.
За него ова е нов малерозен период, со оглед на тоа што нема настапувано за Канада уште од март минатата година, кога ги скина лигаментите за време на завршницата во КОНКАКАФ Лигата на нации.
„Зад себе имам долг и макотрпен процес. Изминатава година беше полна со предизвици и падови поради тешката повреда на лигаментите, а дополнително се појавија и други проблеми со мускулите. Сепак, не се откажав и работев напорно за да останам силен на секој план. Сега сум во добра фаза и се надевам на експресно закрепнување“, дополни дефанзивецот.
Селекторот Џеси Марш јасно стави до знаење дека здравјето на фудбалерот е на прво место и дека никој нема да брза со неговото враќање. „Нема да ризикуваме и да го доведеме во ситуација повторно да се повреди. Алфонсо има огромна желба да игра, а нашиот медицински тим будно ја следи неговата состојба секојдневно за да му овозможи безбедно враќање на терените“, истакна Марш.

