Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Канада подготвена за историја: Најдобрата генерација го почнува Мундијалот дома

Додека медиумското внимание во пресрет на Светското првенство главно беше насочено кон кодомаќините САД и Мексико, репрезентацијата на Канада од сенка и во мирна атмосфера го дочекува својот премиерен натпревар против Босна и Херцеговина. Сепак, зад традиционалната канадска учтивост се крие голем оптимизам и силна верба дека оваа селекција, која важи за најдобра во нивната фудбалска историја, конечно може да направи голем резултат на светската сцена.

Ова е трето мундијалско учество за Канада, по настапите во 1986 и 2022 година. Нивниот досегашен биланс на завршниците не е за пофалба, со оглед на тоа што имаат шест порази на шест натпревари, но четири години по дебито во Катар, работите се значително променети. Канадските фудбалери сега имаат многу поголемо меѓународно искуство, со голем број клучни играчи кои настапуваат во силните европски клубови, што носи и многу поголеми очекувања од домашната јавност.

На организациски план, Канада успеа да ги избегне транспортните проблеми со кои се соочуваат Американците, благодарение на тоа што стадионите во Ванкувер и Торонто се наоѓаат во самите градски центри. Сепак, навивачите и гостите се соочуваат со астрономски цени за сместување. Цените во хотелите за време на првенството се зголемени за над 300% во споредба со лани, па ноќевање на натпреварувачките денови достигнува и до 2.000 долари. И покрај скапотијата, еуфоријата во земјата расте секојдневно, а јавноста е максимално обединета околу тимот од кој се очекуваат големи работи на овој Мундијал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.