Канадскиот премиер Марк Карни потврди дека на репрезентацијата на Русија нема да ѝ биде дозволено учество на Светското јуниорско првенство во хокеј на мраз, кое овој декември ќе се одржи во Алберта.
Иако Судот за спортска арбитража минатата недела донесе одлука дека Русија мора веднаш да се врати на меѓународната хокеарска сцена почнувајќи токму од овој шампионат, канадските власти остануваат на децидниот став дека нема да издаваат визи за руските и белоруските спортисти.
Обраќајќи се од самитот на Комонвелтот во Антигва, Карни јасно стави до знаење дека канадската политика кон руските спортисти останува непроменета.
„Сè додека Русија и Белорусија ја поддржуваат оваа нелегална, неоправдана и ужасна војна во Украина, ниту еден нивни спортист нема да се натпреварува за својата земја во Канада. Доколку прашувате конкретно за Светското јуниорско првенство, Русите нема да бидат таму“, изјави Карни.
Ставот на премиерот дополнително го потврдија министрите за надворешни работи, имиграција и спорт во заедничка изјава, подвлекувајќи дека Канада нема намера да ревидира ниедна одлука додека траат воените дејствија во Украина.
Светското јуниорско првенство во хокеј на мраз треба да започне на 26 декември во Едмонтон и Ред Дир, но турнирот сега влегува во сериозен дипломатски судир меѓу одлуката на спортскиот суд и канадската државна политика.

