Кошарка Меѓународна кошарка

Кампацо може повторно да го облече црвено-белиот дрес

Факундо Кампацо повторно се најде во центарот на вниманието на кошаркарската јавност во Србија. Во текот на целото лето тивко се шпекулираше дека аргентинскиот плејмејкер би можел да се врати во Црвена звезда, а сега тие гласини добија дополнителен интензитет. Шпанскиот новинар Начо Браво, уредник на радиото „COPE“, објави дека според негови информации од Србија постои можност Кампацо повторно да го облече дресот на белградскиот клуб.

Иако 35-годишниот кошаркар има договор со Реал Мадрид, неговата иднина во шпанскиот гигант не изгледа целосно сигурна. Во исто време, Звезда по ангажманот на Крис Џонс бара уште еден квалитетен организатор на играта, а Кампацо би бил огромно засилување за тимот. Аргентинецот веќе има искуство со настапите за „црвено-белите“, откако во сезоната 2022/23 беше дел од екипата и брзо ги освои симпатиите на навивачите. Потоа се врати во Реал Мадрид, каде во изминатите три сезони повторно беше еден од лидерите.

Минатата сезона во Евролигата Кампацо одигра 44 натпревари со просек од 12 поени и 5,1 асистенција по натпревар, што покажува дека и понатаму е меѓу најквалитетните плејмејкери во Европа. Засега нема официјална потврда за можен трансфер, но неговото евентуално враќање би било една од најголемите приказни во летниот преоден рок.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.