Меѓународен фудбал Фудбал

Каде ги позиционира Луис Енрике „светците“ меѓу најголемите во историјата?

Заврши ерата на гламур, блескави трансфери и собирање суперѕвезди како сликички во албум, реченицата со која првиот човек на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, пред четири години најави радикално свртување, денес добива своја најславна потврда. Наместо неуспешниот „Дрим-тим“ проект со Меси, Нејмар и Мбапе, раководството му ги предаде клучевите на Луис Енрике, а Шпанецот создаде колективна машина која ги покори Минхен и Будимпешта, соборувајќи ги Интер и Арсенал за да го качи ПСЖ на европскиот престол двапати по ред.

Сепак, додека Дембеле, Кварацхелија и друштвото слават востанување на новата европска династија, фудбалските аналитичари го поставуваат клучното прашање. Каде на вечната листа се наоѓа овој париски гигант?

На самиот врв, недопрена повеќе од половина век, стои златната генерација на Реал Мадрид. Во периодот од 1956 до 1960 година, Кралскиот клуб предводен од Дон Сантијаго Бернабеу и играчките икони Алфредо Ди Стефано, Ференц Пушкаш, Рајмонд Копа и Пако Хенто, освои пет последователни титули во Купот на европските шампиони, рекорд кој делува недостижно за сите идни генерации.

Веднаш зад нив е ерата на Ливерпул, четири титули меѓу 1977 и 1984 под палката на Пајсли и Феган, како и модерниот Реал Мадрид на Кристијано Роналдо и Лука Модриќ, кои освоија четири пехари во пет сезони, вклучувајќи го и историскиот хет-трик од 2016 до 2018 година. Во ова елитно друштво со по три европски круни се и тоталниот фудбал на Ајакс со Кројф, машинеријата на Бајерн со Бекенбауер, Берлускониевиот Милан и Барселона во ерата на Лео Меси.

Со двата последователни пехари, денешниот ПСЖ во овој момент го дели скалилото со легендарната Бенфика на Еузебио од почетокот на 60-тите и Интер на Хеленио Херера, таткото на катанаџото. Но, за разлика од нив, тимот на Енрике е во полн залет. Прашањето повеќе не е дали Шпанецот си обезбеди место во фудбалскиот Лувр, туку колку подалеку оваа париска машинерија може да отиде во уривањето на границите на европскиот фудбал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.