По победата на Мексико над Јужна Африка, во вториот натпревар од групата А на Светското првенство, селекцијата на Јужна Кореја со пресврт славеше триумф од 2-1 против Чешка на стадионот „Акрон“ во Гвадалахара. Двете репрезентации влегоа во средбата со отворен гард и јасна намера да стигнат до трите бода кои ширум ги отвораат вратите кон нокаут-фазата, но на крајот Азијците беа оние кои се радуваа на успехот благодарение на одличната партија на Хванг.
Јужна Кореја беше значително подобар ривал во првото полувреме и континуирано ја напаѓаше противничката одбрана. Најдобрите шанси ги пропушти првата ѕвезда Хеунг Мин Сон, но главна причина за почетните 0-0 на паузата беше чешкиот голман Ковар, кој буквално ја зачара својата мрежа со неколку брилијантни интервенции. Казната за промашувањата на Корејците стигна по точно еден час игра, кога Чешка неочекувано поведе. Ладислав Крејчи најдобро се снајде по едно долго фрлање од аут од десната страна и со силен удар со глава го совлада немоќниот противнички голман.
Сепак, предноста на европската селекција траеше само осум минути, бидејќи на сцена стапи расположениот Хванг. Тој одлично реагираше во шеснаесетникот на Чешка и со прецизен удар израмни на 1-1. Во драматичниот финиш, Чесите во 77-та минута постигнаа уште еден гол кој веднаш беше поништен поради офсајд, а веќе во 80-та минута стигна целосниот пресврт. Хванг со мајсторска асистенција го пронајде Ох, кој ладнокрвно погоди за 2-1. Со овој триумф, Јужна Кореја и Мексико го зазедоа врвот во групата А по комплетирањето на првото коло.

