Меѓународен фудбал Фудбал

Јунајтед продолжува да тоне, Брајтон го демолираше Кристал Палас (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед продолжи со бледите партии во Премиер лигата и по седмото коло остана на скромната една победа во шампионатот, откако на гостувањето кај Лидс Јунајтед освои само бод одигрувајќи 1:1. Домаќините ја диктираа играта и имаа апсолутна теренска иницијатива со дури 65 проценти посед на топката, но „црвените ѓаволи“ први стигнаа до предност во 35. минута кога Јури Тилеманс одлично го пронајде Брајан Мбеумо, кој со прецизен удар ја затресе мрежата на домаќините. Сепак, притисокот на Лидс уроди со плод на самиот старт од второто полувреме, кога Доминик Калверт-Луин по една мешаница по изведен корнер во 51. минута мајсторски го совлада противничкиот голман за израмнување, зголемувајќи го притисокот врз менаџерот Мајкл Карик, за кого сѐ погласно се споменува можноста за заминување.

За разлика од дуелот на „Еланд Роуд“, вистински фудбалски кошмар доживеа екипата на Кристал Палас, која беше жестоко поразена на гостувањето кај Брајтон со убедливи 5:0. Домаќините го отворија мечот со фуриозни десет минути во кои постигнаа дури три брзи погодоци — најпрво Конвот си постигна автогол во четвртата минута, потоа Диего Гомез во седмата минута постигна спектакуларен гол речиси од центарот на теренот, а веќе во десеттата минута Ајари зголеми на 3:0. Во второто полувреме Брајтон продолжи со исто темпо, па Костулас во 49. минута ја зголеми предноста, а Хиншелвуд по корнер ги постави конечните 5:0.

Со сигурен триумф задоволни беа и фудбалерите на Борнмут, кои на домашен терен славеа со 2:0 против Сандерленд. Таверние уште во шестата минута ги доведе домашните во водство, а задачите за гостите станаа речиси невозможни откако Дансо заработи директен црвен картон уште во 17. минута. Сите дилеми околу победникот беа решени на самиот почеток од второто полувреме, кога Еванилсон во 48. минута искористи голема грешка во одбраната на Сандерленд, го заобиколи противничкиот голман и рутински ги постави конечните 2:0.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.