Никола Јокиќ испиша уште една златна страница во својата НБА кариера откако стигна до јубилејниот 200. трипл-дабл во регуларниот дел од сезоната, предводејќи го Денвер Нагетс до победа на гостувањето кај Њу Орлеанс Пеликанс со 104:91. Српскиот центар го заврши мечот со 21 поен, 13 скокови и 10 асистенции, при што дури 16-ти пат оствари ваков ефект токму против Пеликанс.
Денвер уште од самиот почеток го диктираше темпото и ја доби првата четвртина со убедливи 37:18, а на стартот од вториот квартал замина и на максимални +22 (44:22). Сепак, домашните предводени од Зајон Вилијамсон успеаја да го запрат налетот на гостите и постапно да ја намалуваат негативата, па на влезот во последните 12 минути резултатот беше 79:73.
Кога Пеликанс пријдоа на само пет поени заостанување (88:83) на шест минути пред крајот, одговорноста ја презеде Џамал Мареј со пет врзани поени за повторно одлепување на 93:83. Конечниот нокаут го зададе Кристијан Браун, кој погоди дури три клучни тројки во последните четири минути за запечатување на победата и израмнување на ефектот на Денвер на 2-2.
Најефикасен во победничкиот состав беше Џамал Мареј со 23 поени и шест асистенции, додека Браун и Ерон Гордон постигнаа по 15 поени. Кај Њу Орлеанс, кој го претрпе и четвртиот пораз во сезоната, се истакна Зајон Вилијамсон со 25 поени и пет скокови.

